вторник, 8 јули 2008

ГЛИГОР СМОКВАРСКИ




ГЛИГОР СМОКВАРСКИ
(1914-1974)





Глигор Смокварски е роден на 08.05.1914 година во село Будинарци, Беровско. Тој е еден од основачите на организираната музичка култура во Македонија по Втората светска војна. Тој и припаѓа на првата генерација музички дејци кои активно се вклучиле во создавање творечки музички фонд. Глигор Смокварски одиграл пионерска улога во поставувањето на професионализмот во македонската музичка култура, како еден од основачите на првиот симфониски оркестар, кој започнал да работи кон крајот на 1944 година, при Радио Скопје. Подоцна, тој исто така учествувал во создавањето на Македонската филхармонија, како и на оркестарот при Операта на Македонскиот Народен Театар.



Глигор Смокварски бил активно присутен во музичкиот живот во Македонија, цели три децении како композитор, изведувач кларинетист - солист и како педагог, професор по кларинет и обоа, од чија класа произлегоа успешни генерации музички уметници. Денес неговото творештво претставува дел од македонското музичко богатство.



Глигор Смокварски како композитор, го привлече вниманието, особено со создавањето на музиката за првиот македонски национален балет „Македонска повест“ во 1952 година, а потоа и со низа симфониски дела, проткаени со македонски национален мелос и ритмика, но и со многу примери во кои може да се почувствува влијание на романтичната оркестарска литература, која тој ја негувал и како интерпретатор - кларинетист. Балетот „Македонска повест“ е праизведен на сцената на МНТ на 21-ви јуни 1953 година, под диригенство на Кирил Спировски и со либрето направено според драмата „Печалбари“ на Антон Панов. Во рамките на „Охридско лето“ 1993 година, на сцената во Самоиловата тврдина, изведена е премиера на истиот балет со ново либрето, под диригенство на Ангел Шурев.



Најраните оригинални творечки обиди на Глигор Смокварски се забележани во 1944-45 година, кога го создава своето прво сериозно музичко дело, Фантазија за симфониски оркестар, кое е изведено на крајот на 1944 година под диригенство на Тодор Скаловски, како прв концерт на симфониски оркестар, емитуван на брановите на Радио Скопје. Една година подоцна од Скопската филхармонија под диригенство на Лавро Матачиќ изведена е предиграта „Тиквешанка“. Во 1949 година својата праизведба, под диригенство на Лавро Матачиќ ја доживуваат делата: „Скерцо“ и „Симфониска предигра“. Потоа се редат и други композиции кои му припаѓаат на оркестарското, камерното, хорското и вокално-инструменталното подрачје, дела за глас и пијано, како и повеќе од 70 обработки на народни песни.



По цели 18 години, во 1971 година, Глигор Смокварски повторно ќе се наврати на музичко-сценската форма и ќе го создаде својот втор балет „Болен Дојчин“. За жал, до денес, овој балет, сценски не е поставен во Македонија, иако музиката е изведена под диригенство на Ангел Шурев и е ставена на носач на звук.



Покрај споменатите дела во оваа пригода вредно е да се одбележат и следните дела од неговиот опус: „Симфониско оро“ -1952 год., „Гудачки квартет бр. 1“ -1954 год., „11-ти Октомври“ -1955 год., „Рапсодија бр. 1“ -1955 год., „Виолински концерт“ -1956 год., „Приспивна за алт и пијано“ -1959 год., „Скерцо за симфониски оркестар“ -1962 год., „Концерт за кларинет и пијано“ -1964 год., „Симфониска суита“ -1966 год., „Стихија“ -1970 год., како и музиката за документарните филмови „Селскиот учител“ и „Фрески“.



Композициите на Глигор Смокварски се силно вдахновени со топла народна мелодика. Со чувство за оркестарот, како звучен организам, Смокварски создал бои и тонови кои автентично го оцртуваат македонското поднебје.



Глигор Смокварски почина во Скопје на 15.03.1974 година.

Нема коментари: