понеделник, 07 јули 2008

НИКОЛА МАЛЕШЕВСКИ

Ѓорче Петров, Никола Малешевски и Гоце Делчев
(Софија, март 1903 год.)


НИКОЛА СПАСОВ МАЛЕШЕВСКИ
(1850-1945)

Помеѓу плејадата македонски револуционери и дејци од крајот на XIX и почетокот на XX век, меѓу кои можеме да ги споменеме Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански и др., видно место зазема и Никола Спасов Малешевски, човек чија револуционерна дејност е слабо расветлена во македонската историја.

Никола Спасов Малешевски е роден во 1850 година во Берово, каде што завршува основно образование. Образованието го продолжува во Солун, каде ја завршува тамошната гимназија. Уште во младешките години е задоен во духот на малешевско-пијанечките војводи од 70-тите години на XIX век, ги обиколува населените места во Малеш (беровско) и во Пијанец (делчевско), читајќи текстови со бунтовна содржина. Така доаѓа и до судир со грчкиот владика во Струмица, Јеротие, кога Никола Малешевски заедно со Димитар Поп Георгиев Беровски и други малешевци и пијанчани, како организатори на т.н. малешевско-пијанечки бунт ќе бидат осудени на затворски казни во Пехчево, Берово и во Солун. Црковните борби со текот на времето добиваат политички карактер, за што сведочи и Димитар Беровски во своите спомени. Тој истакнува дека „овие настани водеа кон подготовка на востание во овој дел на Македонија“ – Разловечкото и Кресненското, кои завршуваат со пораз, па населението од овие краишта, поради страв од терор и репресии, се иселува претежно во соседните Ќустендил и Дупница. Меѓу нив е и Никола Малешевски, кој се населува во Дупница.

Со создавањето на ВМОРО во 1893 година, настанува пресвртница во македонското националноослободително движење, а куќата на Никола Спасов Малешевски во Дупница станува сврталиште на македонските патриоти. Се формира македонското друштво „Единство“, чиј секретар е Никола Малешевски.

Во 1896 година, Никола Малешевски се запознава со Гоце Делчев (кој како задграничен претставник на ВМОРО во Софија) му ја открива тајната на ВМОРО и го вклучува во нејзината работа, поставувајќи го за пунктов началник во Дупница, односно раководител на целата мрежа погранични пунктови и тајни канали на ВМОРО по должината на бугарската граница со Отоманската Империја. Префрлувањето на оружје и друг материјал преку овие канали бил спроведуван врз системот на организирана војска.
Зачувано е едно писмо од Гоце Делчев до Никола Малешевски, кое датира од 10 април 1897 год., со следната содржина:

Ќустендил 97 год. 10/ IV
10 aприл 1897 г.

Никола,
Твоите писма од 9-ти и 8-ми о.м. ги добив сношти. Многу ме чудиш со новините. Што претставува засега Дупница? Сврталиште на војводи разбојници, поради кои и гнездо на шпиуни .За последните нема што да кажам, освен да ги пофалам со нивната умешност да го избираат местото, за да ги исполнуваат точно своите обврски. Од војводите многу нешта можат да се купуваат, зашто не само пијани, туку и во трезна состојба тие (војводите) не се штедат да ги величаат своите големи подвизи.
Тешко на оние што им откажале подршка. Можеме ли во тој случај ние да им помогнеме на тие несреќници? Каков друг лек ние би можеле да употребиме кога аптеката не ги пушта лековите што ние ги бараме? Ништо, освен да може да се растури гнездото на шпиуните. А тоа може да стане ако имаме народни луѓе, кои ќе ги требат со убиства, и тоа такви, од кои секој би се потресол. Пази се и ти да не попаднеш без да сакаш в уста. Никој не доверувај му се. А за оној господин, за кој ми пишуваш (Н.П.Стојанов), ми иде да се сомневам во неговата чиста душа. Тој се гледа, сака да напипа нешто од тебе, затоа добро е не само да не му укажеш доверба, туку уште и да и го предадеш на полицијата како сомнително лице. Чучков ми пишува дека не праќал никогаш такво лице. Тој истиот се јавил и кај Каранов, но овде му се даде да разбере дека ја нема таа манџа што ја бара тој. Во Џумаја не можем сега да пишувам, но од Софија ќе можам. Утре заминувам за Софија, а ти, ако има да праќаш нешто, прати го на иста адреса .
Со братски поздрав

Ахил.“

Во 1899 година Никола Спасов Малешевски се сретнал со Јане Сандански и го запознал со целите на ВМОРО. По средбата со Гоце Делчев, Сандански и официјално станува член на ВМОРО.

Во 1901 година Никола Спасов Малешевски активно учествувал во организирањето и грабнувањето на американската протестантска мисионерка Мис Елен Стон.
За овој настан Рафаел Камхи оставил запишани белешки со прилози од одделни документи, сврзани со аферата Мис Стон, па мислиме дека е интересно во продолжение да пренесеме дел од нив: „Со известувањата добиени од Иванка Колчаковска и Иванка Хаџиваканова, протестантки, на 21 август 1901 година на патот меѓу Банско и Горноџумајско, од четите на Јане Сандански, на Христо Чернопеев, Крсто Асенов и Никола Малешевски беа грабнати Елена Мис Стон (американска протестантска мисионерка во Македонија) и нејзината придружничка, Екатерина Цилка (од Банско, сопруга на албанскиот револуционер Цилка).
За аферата „Мис Стон“, во своите белешки, сведоштво има оставено и Ѓорче Петров:
„14 јуни 1908 год.

Уште не бев отишол од Софија, кога решивме Делчев лично да ја води борбата тука со цончевистите. Тоа беше уште пред да лежам в участок да ме интернираат во Трново. Аферата Мис Стон веќе беше станала. Нејзиното фаќање стана без наше знаење. Ние знаевме, оти се крои да се фати друго лице на Долноџумајскиот панаѓур, - Серско. Кога не успеавме, разлошката чета на чело со Сандански, на враќање во Разлог, скроила набрзо нов план та ја фатиле Мис Стон заедао со Цилка. Кога ја свршиле работата, подгонети од таму, првите дни се префрлиле во Бугарија, во Дупничко. Ја свршиле работата, а понатака ги заплеткале конците, не знаат што да прават. Малешевски настојуваше да појдам во Дупница, посака напатствија, како да постапат понатаму. Кроевме да се сретнам со нив, со Сандански, за да им дам лични напатствија. Тука софиската полиција беше многу се раздвижила за да ги фати или луѓето или барем нишките на работата. Јас не можев поради тоа да ги видам нив, специјален полициски човек оттука специјално ме следел, без да знам јас (Велјо Маринов, сегашниот полициски пристав). Јас случајно го срстнав и на шега му реков, дека наверно тој отишол да фаќа комити и дека наверно и мене сака да ме фати. Тој се смути дознав оти е така. Отидовме да се почестиме се понапивме, и тој ми призна, и јас утредента бегај назад во Софија. Владата беше сериозно загрижена да го фати Сандански; срамно им беше оти се губи честа на бугарското име во Европа и Америка. Убедувањето кај владата беше, дека интелектуалниот виновник сум јас така да мислеле да ме уапсат. Каравелов имал намерение мене и Малешевски просто да не обесат преку воен суд за да му дадат на европското општество мнение. Но полициските луѓе уверувале, дека мачно ќе можат да истргнат нешто од мене по судски ред. „Од тој ѓавол ништо нема да дознаете“ - рекле. Да беа по претпазливи на граница ќе ме фатеја во клопка. Најпосле решиле да ме интернираат во Куртбунар. Јас протестирав пред градоначалникот К`нчев, ги потсмевав министрите. Јас сакав бидејќи немав средства, да ме остават да живеам во Трново, каде што имав пријатели. Се согласија, но под многу строг (тајни) надзор, кореспонденцијата да ми се прегледува и секој да се следи, кој би дошол при мене и т.н. Ова го научив после. Јас условно бев засегнат од оваа мерка. На кинисување му реков на градоначалникот, дека тие посегнуваат не на мене, ами на организацијата. И не требаше овој прв случај на посегнување на организацијата да го остави така, но на жалост кај нас условната честољубивост не е развиена, а и Гарванов беше во Ц.К., кој што се радуваше за тоа. После од полицискиот пристав во Трново, со кого се спријателивме, дознав колку строги шпиунски мерки зеле протип мене. Наспроти оваа строгост пак целата Мисстоновска рабога пак јас ја свршив. Оттука, пред да ме интернираат, јас го испратив првото писмо на мисионерите во Самоков, во кое што се изложуваше судбината на Мис Стон, намерението за заграбувањето и предлог за откуп со 25.000 лири. Имаше и нејзино саморачно писмо. Во одговор дојде секретарот на цариградската американска легација. Доаѓа понапред во Трново кај мене Малешевски, скришум, се разбира, за совет по борбата со врховистите и по оваа работа. Доаѓа два пати. Условивме, да дојдат во Софија двајца пратеници од Сандански за да уговараат со пратениците на легацијата. Дојдоа Чернопеев и Крсто Асенов. И овие доаѓаа два пати кај мене во Трново за инструкции. Имав посредни предлози од владата да и` ја раскријам работата и да ја преостават нејзе да ја уреди. Ризов сакаше да си даде значење и сакаше тој да дојде при мене да преговараме. Ни предлагаа да се откажеме од откупот, за да направиме добро впечатление. Нашите нужди беа големи. Јас се чудев на ова мешање на владата. При првото сретнување американскиот секретар се однесол многу наголемо, рекол, оти тој немал работа со разбојници, а сакал да третира со владата. По мои напатствија нашите му одговориле, оти тие не ја признаваат владата, оти таа е нивни непријател, оти ако тој не сака и ако посмее да ги издаде, и тој нема да остане жив и тие живи нема да се предадат. Зборувал тој, изгледа со владата, и потоа беше поомекнал и влегол во пазарлак. Пазарлакот му бил отфрлен, почнал од 5000 лири. На неколку сретнувања уредените преговори во општи црти, останале да се довршат во Цариград. Се сомњававме и со право, дека се` станува во споразум со владата, најдовме за поумесно центарот на преговорите да се пренесе во Пловдив, а од таму пратеник, бугарски мисионер, одел во Цариград и оттаму преговорите станувале направо со четата во Разлог. Бидејќи четата се уморила, многу се продолжи - и бидејќи врховистите, поткрепени и од нашата влада, со јаки чети одеа потрага, решивме да отстапиме на 14.000 лири.

Парите ги донесоа Сандански, Крсто Асенов и Сава Михаилов, - во злато, се лири. Во стајата кај мене ги донесоа. Јас скришум се вратив од Трново за неколку дена. Ги распределивме на мали делови на разни пријатели за да ги чуваат времено. Еден дел оставија во Костенец Бања еден во Враца по роднини и познати. Ги чуваа луѓето како светиња, а имаше и страв одзади. Луѓето лзлегоа верни. На Страшимиров, поетот, бев му дал на чување 3000 лири, во Биолчев - 1000, кај еден доктор, кој што живее со роднини, - 2000 лири. Страшимировата жена Стефка ги чуваше како светиња - ги предадоа. Како за спомен не се сетивме да дадеме нешто, награда, - така чесно се зачуваа. Парите не се зедоа наеднаш од луѓето, што ги чуваа, но постепено, како што се трошеа. Делчев беше повикан од внатрешноста и се образува комисија: Делчев, Н. Малешевски, Туше Дели Иванов и Стефанов, мислам. Тие беа натоварени да решаваат и контролираат по прашањето на парите, имено на оној дел, кој што беше определен да се троши во Бугарија. Еден дел беше определен за внатре и се распредели по окрузите. Повеќето пари се потрошија тука. Никој од директните учесници никаква награда за себе не зеле и никакви промени на нивниот живот полн со лишувања, не последија ниту се забележаа. Овие пари тука, во општи линии, многу помогнаа за подигање на организацијата. Во најголем дел парите отидоа тука за борба против врховизмот.“

Никола Малешевски има посебна улога во предилинденскиот и илинденскиот период во испраќањето оружје и прифаќањето на огромниот број бегалци. И по Илинденското востание, Никола Малешевски ја задржува должноста пунктов началник, организирајќи ја ВМРО за активност во новите услови. За таа цел, во Малешевијата за инструктор е испратен Герасим Огненов, а во Пијанец е испратен Христо Димитров-Кутруљо.
Интересно е, тука, да се напомене дека кога на Илинден, на 2 август 1903 година било објавено востанието во Битолскиот револуционерен округ, Кукушката чета на војводата Крсте Асенов, Ениџевардарската на Апостол Петков и Гевгелиската на Иван Карасулијата го ослободиле с. Корнишор и го осветиле знамето на Кукушката чета. Потоа војводата Крсто Асенов се венчал со учителката Ана Малешевска, ќерка на Никола Малешевски, а малку подоцна загинал. По неговата смрт Кукушката чета дејствувала со Гевгелиската и Ениџевардарската област.

Пред Балканските војни од 1912-1913 година, Никола Малешевски формира 2-3 герилски одреди, кои како претходница на сојузничките балкански војски ги ослободуваат сите населени места во Малеш, Пијанец и воспоставуваат власт.
И во периодот меѓу двете светски војни, куќата на Никола Малешевски во Дупница била отворен дом на македонските родољуби.

Пронајден е оригинален ракопис на Ѓорче Петров, кој всушност претставува беседа за Гоце Делчев одржана во Софија во 1919, по повод 16-годишнината од смртта на Делчев, на комеморација што во софискиот Воен клуб ја организира македонската група студенти. Ракописот е насловен „Гоце Делчев и значението му в македонската револуционерна организација“.

Петров во беседата ја опишува неговата последна средба со Гоце Делчев во Софија, во март 1903, два месеци пред Делчев да биде убиен во село Баница. Биле заедно со Никола Малешевски. Делчев, инаку противник на идејата за востание оти сметал дека уште не е добро подготвен теренот во Македонија, бил решен со чета да замине во Серез и таму да прави диверзантски акции на турските објекти. Како што пишува Петров, Гоце како да претчувствувал дека веќе нема да се видат, на крајот на средбата особено средечно се поздравил и со него и со Никола Малешевски, ги изгушкал и избацил и на крајот инсистирал да се сликаат.

Никола Малешевски постојано велел дека сакал да ја види Македонија ослободена и независна, идеја која му го осмислила и исполнила животот. Умира на 7 февруари 1945 година, на 95 години во Дупница, каде што почива.

Нема коментари: