АТАНАС РАЗДОЛОВ
(1872-1931)
Извадок од радио-драмата
„Анархист на перото“
од Владимир Плавевски:
АТАНАС:
-Јас сум „анархист на перото“.
СУДИЈАТА:
-Повторете... Кој сте вие?
АТАНАС:
-Јас сум Атанас Раздолов, роден во 1872 година во Берово, во сиромашно семејство на Топаловци чија куќа била во трапот на црквата Св. Илија. Моите биле земјоделци и сточари и со крв го печалеле својот леб.
СУДИЈАТА:
-Воспитание?
АТАНАС:
-Израснав во бунтовното гнездо на Дедо Иљо Малешевски, Димитар Попѓеоргиев Беровски и Никола Петров Русински, во пазувите на Македонија која офка под крвожедниот јарем на уште покрвожедниот Босфорски ѕвер – Султан Хамид.
СУДИЈАТА:
-Престанете со поетски изразувања! Ова е суд!... Кажете го точно вашето формално воспитание?!
АТАНАС:
-Четири години основно образование... Како дете бев пргав и многу љубопитен, убаво пеев и рецитирав и покажував голема наклонетост кон книгата.
СУДИЈАТА:
-Бидете кратки и прецизни!
АТАНАС:
-Потем, емигрирав во Ќустендил, но секогаш во мислите и во срцето го носев моето Берово...
-Како седумнаесетгодишник се запишав во Педагошкото училиште и го завршив во 1895 година, можете да запишете, со одличен успех... Да, со одличен успех!
СУДИЈАТА:
-Зошто уште како ученик сте биле на листата на непожелните?
АТАНАС:
-Мислите, на непожелната листа на власта и полицијата?
СУДИЈАТА:
-Одговорете!
АТАНАС:
-Се родив со нескротлив дух, се доев со револуционерни идеи и ...
ВРАТАРОТ:
-Бевте член, активен член на Македонското друштво во Ќустендил и на Педагошката академија ?!
АТАНАС:
-И бев повеќепати тепан, активно претепуван од полицијата.
СУДИЈАТА:
-Што сте работеле, потем, во Софија?
АТАНАС:
Заработував корка леб за гол живот.
СУДИЈАТА:
-Дали ви се познати лицата Васил Главинов, Веле Марков, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев, Ѓиго Дрндаров, Стојан Стојановски?
АТАНАС:
-Заборавивте меѓу нив да ме вброите и мене.
СУДИЈАТА:
-Значи, признавате дека сте член на оваа „Македонска работничка група“ устроена како комуна на Македонска работничка група која се претставувала како идеен предводник на македонското национално движење?
АТАНАС:
-Да, да и да!
СУДИЈАТА:
-Дали знаете кој го напишал оватанас: „...Револуцијата не е дело на чорбаџиите туку дело на сиромасите кои непосредно го чувствуваат жестокиот гнет на турскиот деспотизам и затоа тој народ треба да биде носител на вооружено востание. За да се воспостави ова потребно е внатрешна народна организација, усмена и писмена агитација...“ И така натаму и така натаму...
АТАНАС:
-Дали знаете дека тоа го потпишал Атанас Раздолов?
СУДИЈАТА:
-Значи, признавата?!
АТАНАС:
-Да, признавам, дека ме судите за глупост!
СУДИЈАТА:
-Внимавајте обвинет, вие го навредувате Неговото Царско Височество, Кнезот Фердинанд!
АТАНАС:
-За вас се е можно.
СУДИЈАТА:
-Дали сте напишале отворено писмо на 01.06.1901 година до бившиот претседател на Македонско-одринскиот комитет, Борис Сарафов?
АТАНАС:
-Секако...
СУДИЈАТА:
-Прочитајте го... Делот каде што зборувате за делото на Борис Сарафов!
АТАНАС:
-... „Ако на мракобесните државни крунисани глави кои прават оросписка политика ...
СУДИЈАТА:
-Прекинете!
АТАНАС:
-... и оросписка дипломатија и се курваат со судбината на човештвото...
СУДИЈАТА:
-Пресуда на Прокурорскиот надзор на Окружниот суд! Станете!... И вие, господине Раздолов! Реков, станете !!
-Од писмото на обвинетиот А. Раздолов се гледа дека овдеприсутниот обвинет А. Раздолов, стар дваесет и девет години, од Берово, Малешевско, Македонија, ја навредувал личноста на Неговото Царско Височество Кнезот Фердинанд и ги заплашувал судските органи за водење на делото...
АТАНАС:
-... За водење на недело!...
СУДИЈАТА:
-... на поранешниот претседател на Македон-Одринскиот комитет Борис Сарафов. Поради овие докажани дејства А. Раздолов се казнува со член 120 и 302 н.2 од н. закон како и по основа на член 26, 282, 291 и 292 од Граѓанскиот закон, издание на Прокуросниот надзор на Софискиот Окружен суд. Во град Софија, на 26.06.1901 год.
АТАНАС:
-... Стиховите кои не се потчинуваат потполно на режимот на правилото за стихотворење, се нарекуваат произволни, но тоа не им пречи да творат вистинска поетска мисла...
ЧУВАРОТ:
-Казненик, што пишувате?
АТАНАС:
-Стихови.
ЧУВАРОТ:
-Кој ви дозволи?
АТАНАС:
-Анархистот на перото.
ЧУВАРОТ:
-Кој е тој?
АТАНАС:
-Јас.
Атанас Раздолов е роден 1872 година во Берово, Малешевско, во семејството Топаловци. Уште како млад тој го напушта родното место и оди во Софија. Преродбенските и ослободителните борби во малешевскиот крај вршат силно влијание врз младиот Раздолов. Во работничката средина во која што подпаѓа со одењето во Софија, ослободителните идеи кај него се издигнуваат на повисоко ниво.
Тој ја сврзува националноослободителната борба со револуционерната борба на работничката класа. Под псевдонимот „дедо Раздолчо“ тој е активен учесник во револуционерното движење во Софија. Членува во Македонскиот револуционерен социјал-демократски сојуз, основан од страна на Васил Главинов.
Во 1901 год е затворен поради пишување за бугарскиот кнез Фердинанд.
Раздолов е автор на статии, стихови и брошури со теми од револуционерната борба. Дел од неговите брошури по специјални курири биле испраќани во внатрешноста на Македонија, за потребите на Организацијата.
Најубавата негова стихотворба „Револуција“ тој ја посветил на револуционерното движење во неговиот роден крај – Малешевијата.
Атанас Раздолов, самиот си го одзема животот во Софија во 1931 година.
Тој ја сврзува националноослободителната борба со револуционерната борба на работничката класа. Под псевдонимот „дедо Раздолчо“ тој е активен учесник во револуционерното движење во Софија. Членува во Македонскиот револуционерен социјал-демократски сојуз, основан од страна на Васил Главинов.
Во 1901 год е затворен поради пишување за бугарскиот кнез Фердинанд.
Раздолов е автор на статии, стихови и брошури со теми од револуционерната борба. Дел од неговите брошури по специјални курири биле испраќани во внатрешноста на Македонија, за потребите на Организацијата.
Најубавата негова стихотворба „Револуција“ тој ја посветил на револуционерното движење во неговиот роден крај – Малешевијата.
Атанас Раздолов, самиот си го одзема животот во Софија во 1931 година.
Нема коментари:
Објави коментар