вторник, 8 јули 2008 г.

ЛЕОНИД ПЕЦОВСКИ



Леонид Пецовски
(1923-1945)


Леонид Пецовски е роден на 19-ти мај 1923 год. во Берово во семејството на Ефтим Пецовски и Даринка Белдедовска Пецовска. Основно училиште и прв клас граѓанско училиште завршува во Берово. Потоа го напушта школувањето и го изучува касапскиот занает. По изучувањето на занаетот работи како касап.

За време на бугарската окупација во 1942 год. Леонид заминува на работа во Германија. По една година тој е протеран од Германија и се враќа во родниот град, каде продолжува да работи на занаетот. Во 1943 год. е регрутиран и служи во бугарската армија, каде завршува курс за подофицери.

По извршениот преврат во Бугарија, се враќа во родното место и се вклучува во Народноослободителната војна, во Воената команда во Берово, каде е поставен за заменик командант на чета.

На 1-ви октомври 1944 год., кога во Берово престојува дел од Главниот Штаб на Народноослободителната војска на Македонија на чело со командантот Михајло Апостолски, со месната чета успева да ги задржи германските единици кои се повлекувале од Грција, на патниот правец Струмица - Берово и овозможува повлекување на партизанските единици од градот.

Потоа, како млад и искусен борец Леонид Пецовски е распореден во 14-та бригада во 50-та Народноослободителна дивизија со која учествува во завршните борби за конечното ослободување на Македонија, во кои се истакнува со својата храброст.

На 15-ти јануари 1945 год. со бригадата заминува за Срем на оспособување и усовршување со современата воена техника. Во април, 14-та ММУ бригада е во состав на 48-та МНО дивизија и учествува во пробивот на Сремскиот фронт. По ослободувањето на Винковци, каде неговата чета прва влегува во градот, бригадата продолжува со протерување на непријателот кон Ѓаково, Будровци и Врпоље. Во тешките тридневни борби јужно од Будровци и Ѓаково, на 16-ти април 1945 год., кога со неговата чета тргнува во против јуриш кон непријателските позиции, покосен е од непријателски рафален оган и загинува. Неговите соборци, својот храбар командант, го погребуваат на бојното поле.

Посмртно е одликуван со Орден за храброст.

Нема коментари: